| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

26.10.2017

Мак-фудбалот преферира Бразилци

Во нашите прволигашки клубови има по десетмина фудбалери од Бразил и од Србија, има и по еден од САД, Италија, Франција, Германија, Австралија. Со осуммина странци, Вардар е клуб кој е рекордер во нашата Прва лига. Сите имаат странци, најмалку Ренова и Скопје - едвај по двајца

Во изминатите 26 сезони во Првата лига, нашите клубови, барем дел од нив, како да не можеа и сѐ уште не можат без странци. И тоа е добро, има квалитет тука, но и има и такви утки за кои „Македонски спорт“ во повеќе наврати пишуваше. Сега сакаме да се осврнеме на тоа што се случува во моментов. А во моментов, во нашата Прва лига играат дури 44 странци, и тоа од 19 земји. Тука не ги сметаме оние што имаат двојно државјанство.

Шампионот со осуммина, лидерот со петтмина странци

Од тие 44 странци, дури осуммина се членови на Вардар, а тоа значи дека нашиот најтрофеен клуб е рекордер во моментов. Имаше и повеќе, но си заминаа Балотели, Којашевиќ и Куајнор. Ако останеа, навистина ќе беше интересно, Врадар можеше да игра со сите единаесетмина странци во стартниот состав. Секако дека ова треба да се сфати малку на шега. Од друга страна, Шкендија, која до пред извесно време важеше како драгстор во поглед на странски фудбалери, има само петмина. Тука секако дека во преден план е Штефан Вујчуиќ, веројатно, еден од најдобрите странци што некогаш играле во нашата Прва лига. И Работнички како да мирува со странците, некогаш клубот од Градскиот парк имаше далеку повеќе странци од сегашните петмина. Тука, според квалитетот, треба да се споменат Сахити, Погосјан, Рашо. Пелистер, пак, има шестмина, од кои тројца Бразилци и двајца Бугари. Најмалку по два, имаат Ренова и Скопје. Инаку, има играчи од 19 земји што играат во Првата лига. Најмногу има од Бразил и од Србија, по десет. Додека најмалку од Австралија, САД, Италија, Германија, Франција - по еден. 

Фелипе, Жуниор, Лукас...

Интересно е што од тие десетмина интернационалци од Бразил, најголем број се напаѓачи, во најлош случај офанзивни играчи за врска. Тоа е таа нивна атракција, радоста по головите, кои публиката знае да ги цени. Рековме веќе, од тие десетмина фудбалери од Бразил, најмногу по квалитет отскокнуваат тројца. Тоа се Хуан Фелипе во Вардар, Лукас Гоијано Кардосо во Пелистер и, секако, Стенио Жуниор во Шкендија. Сите тие се водечки играчи во своите тимови или, пак, меѓу најдобрите. Инаку, интересно е тоа што и Ренова и Скопје имаат напаѓачи од Бразил во своите редови, тоа го има и Работнички во името на Серџио, кој, ете, вчера и на Вардар му даде гол.

Сите странци во мак-фудбалот

ГОЛМАНИ - (5): Илир Авдили - Косово (ШКЕ), Никола Вујанац - Србија (А.ПАН), Милан Митровиќ - Србија (СИЛ), Марк Ентони - Австралија (ПОБ), Матија Кобетиќ - Хрватска (РЕН),
ОДБРАНА - (12): Евгениј Новак - Украина (ВАР), Хофханес Хамбарзумјан - Ерменија (ВАР), Олси Теќа - Албанија (ШКЕ), Иван Челиковиќ - Хрватска (ШКЕ), Милован Петриќ - Србија (А.ПАН), Игор Филиповиќ - Србија (СИЛ), Дејан Благојевиќ - Србија (СИЛ), Мартин Ковачев - Бугарија (ПЕЛ), Турал Хумбатов - Азербејџан (ПОБ), Ервин Качар - Србија (ПОБ), Иван Фатиќ - Ц. Гора (ШКУ), Момчило Рашо - Ц.Гора (РАБ),
СРЕДЕН РЕД - (10): Вања Марковиќ - Србија (ВАР), Хуан Фелипе - Бразил (ВАР), Штефан Вујчиќ - Германија (ШКЕ), Стенио Жуниор - Бразил (ШКЕ), Џулио Грифони - Италија (А.ПАН), Мустафа Куајнор - Гана (ПЕЛ), Димитар Илиев - Бугарија (ПЕЛ), Мирослав Станиќ - Србија (ПОБ), Шчиприм Таипи - Албанија (ШКУ), Емир Сахити - Косово (РАБ),
НАПАД - (17): Тигран Барсегјан - Ерменија (ВАР), Максим Максимов - Русија (ВАР), Џаба Џигаури - Грузија (ВАР), Итало - Бразил (ВАР), Тревис Боувен - САД (А.ПАН), Антонио Маркос Тони - Бразил (СИЛ), Милош Ѓорѓевиќ - Србија (СИЛ), Лукас Кардосо - Бразил (ПЕЛ), Фернандо Силва - Бразил (ПЕЛ), Азул Жаделсон - Бразил (ПЕЛ), Емануел Мбела - Франција (ШКУ), Жуниор Серџио - Бразил (РАБ), Чинеду Гофри  - Нигерија (РАБ), Вардан Погосјан - Ерменија (РАБ), Лукас Меирелеш - Бразил (РЕН), Бруно Да Круз - Бразил (СКО), Милош Џугурдиќ - Србија (СКО).

 

 



Датум: 26.10.2017, 14:03
Статијата е прочитана 1896 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense