| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

10.11.2017

Пекол за Вардар, ладење за Шкендија

Од 16 ноември до 17 декември, Вардар ќе одигра неверојатни десет официјални натпревари. Шкендија, пак, има само уште четири првенствени меча до крајот на сезоната

Со историскиот пласман во Лигата на Европа, Вардар самиот си направи проблеми. И тоа поради распоредот, но и поради фактот дека објективно нема 25-мина играчи со подеднаков квалитет за да може да игра на три фронта. И затоа Вардар во неколку наврати бараше од Натпреварувачката комисија одложување на неколку натпревари. И ги доби, и така и треба. Вардар ја напиша својата клупска историја, но и историјата на мак- фудбалот.
Тие одложени натпревари Вардар мора да ги одигра кога-тогаш и затоа следниов период ќе му биде пеколен. Имено, од 16 ноември до 17 декември, Вардар треба да одигра десет официјални меча, додека Шкендија до крајот на есенскиот дел има задача да одигра само четири меча.
Па затоа велиме дека Вардар го чека пекол, а Шкендија, пак, ќе има ладење.

Секој трет ден, натпревар за првакот

За Вардар, сезоната ќе трае до 17 декември и од 16 ноември, па сѐ до крајот, во тој еден месец, тој треба да одигра десет меча или, во просек, по еден на секој трети ден. Вардар прво треба да одигра четири меча во првенството, оние од 15. до 18. коло, потоа треба да ги одигра оние два меча со Академија Пандев и со Работнички, кои ги одложи. Вардар потоа треба да ги одигра двата меча со Шкупи во Купот на Македонија, оние 1/8-финалните, и на крај, треба да одигра и со Зенит на гости и со Розенборг дома, тоа се мечеви од Лигата на Европа.

Шкендија завршува на 3 декември

Што се однесува, пак, до лидерот Шкендија, тетовци немаат такви проблеми. За нив, сезоната завршува на 3 декември и до тој датум треба да одиграат само уште четири меча. Прво гостуваат кај Силекс, па дома играат со Скопје, па ѝ „гостуваат“ на Ренова и на крај, на тој 3 декември, ќе го одиграат мечот со Пелистер, исто така во Тетово. Противници кои не се така едноставни, но противници, ако одигра Шкендија како што играше досега, кои не би требало да има никакви проблеми да ги мине. Добро за Шкендија е тоа што на 17 декември, а беше планирано тој ден да се игра првиот 1/4-финален меч во Купот, веројатно со Вардар, нема да игра. Тетовци ќе го одиграат својот двоен настап во оваа фаза од Купот дури напролет. Значи, за Шкендија зимскиот одмор ќе почне на 4 декември, само еден ден подоцна откако ќе се одигра последното есенско коло број 18.

РАСПОРЕДОТ НА ШКЕНДИЈА
16.11.2017 (ЧЕТВРТОК): Силекс - ШКЕНДИЈА (првенство)
19.11.2017 (НЕДЕЛА): ШКЕНДИЈА - Скопје (првенство)
26.11.2017 (НЕДЕЛА): Ренова - ШКЕНДИЈА (првенство)
3.12.2017 (НЕДЕЛА) ШКЕНДИЈА - Пелистер (првенство)

РАСПОРЕДОТ НА ВАРДАР
16.11.2017 (ЧЕТВРТОК): Ренова - ВАРДАР (првенство)
19.11.2017 (НЕДЕЛА): ВАРДАР - Пелистер (првенство)
23.11.2017 (ЧЕТВРТОК): Зенит - ВАРДАР (лига европа)
26.11.2017 (НЕДЕЛА): ВАРДАР - А. Пандев (првенство)
29.11.2017 (СРЕДА): Шкупи - ВАРДАР (куп)
3.12.2017 (НЕДЕЛА): Шкупи - ВАРДАР (првенство)
7.12.2017 (ЧЕТВРТОК): ВАРДАР - Розенборг (лига европа)
10.12.2017 (НЕДЕЛА): А. Пандев - ВАРДАР (заостанат)
13.12.2017 (СРЕДА): ВАРДАР - Работнички (заостанат)
17.12.2017 (НЕДЕЛА): ВАРДАР - Шкупи (куп)



Датум: 10.11.2017, 10:34
Статијата е прочитана 3494 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense