| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

17.05.2017

Шкендија е во мала предност

Неби Мустафи и Митко Стојковски, легендите на Шкендија и Пелистер за тоа кој ќе победи на денешното Куп финале во Струмица

 

Имињата на Неби Мустафи и Митко Стојковски со големи, ако не и најголеми букви се врежани во меморијата на Шкендија и Пелистер, особено кај фановите на клубовите од Тетово и Битола. Првиот во 2011 година беше капитен на тимот кој ја освои титулата во пренството а вториот пак беше предводник на генерацијата која во 2001 го освои Купот на Македонија.
И двајцата не кријат дека ќе навиваат денеска за својата Шкендија односно за својот Пелистер.
И двајцата се некогашни фудбалери но и функционери во Шкендија и Пелистер, и двајцата и тоа како го познаваат фудбалот.
Затоа со право ги прашуваме кој ќе победи во финалето бр.25, Шкендија или Пелистер?

Мустафи: Шкендија мора да биде сериозна


„Шкендија според мене има подобар тим, можеби е фаворит на хартија но Пелистер не смее да се потцени. Се играат 90 минути и на вакви мечеви каде што нема поправен се е можно. Шкендија на организациски план, на играчки исто така е во предност, оваа генерација има искуство како се освојува пехарот, мислам на тоа што се случуваше лани. Во Шкендија не е само тандемот Хасани - Ибраими, имено тетовци во секоја линија имаат подобри играчи од Пелистер, но „зелените“ мора да се почитуваат. И затоа Шкендија мора да биде сериозна. Секој што ќе стигне до едно финале сака и да го освои. Не смее да им се даде шанса на битолчани да постават игра каква што ним им одговара“ вели Мустафи.

Стојковски: Пелистер има добри шанси

„Ако мораме да потенцираме кој е во предност тогаш тоа е тетовскиот тим, сепак јас верувам во мојот Пелистер дека може да победи. Тоа првично што сакам да го кажам. Можеби Шкендија е во мала предност, имаат можеби позвучни играчи, Шкендија е клуб со голем буџет и во последно време заедно со Вардар се етаблира како еден од најголемите клубови во Македонија. Сепак, сепак, имињата, парите и се друго што е на страната на Шкендија не мора да значи дека таа екипа ќе победи. Се сеќавам дека во 2001 година исто така на Слога Ј и се даваа поголеми шанси, се истакнуваше дека сигурно ќе победи но ете, ние тогаш ги совладавме чаирчани и заслужено се радувавме. Видете, кога се игра едно финале во Купот на Македонија, тогаш шансите се 50-50%, еве во овој случај нека бидат 55-45% за тетовци“ констатира Стојковски.



Датум: 17.05.2017, 10:35
Статијата е прочитана 4184 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense