| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

21.06.2017

Шанси има, но тие се 25% за Вардар

Горан Трпевски- Македонецот кој играше за Малме и за Шведска, ни ги открива силните и слабите страни на противникот на Вардар


Македонски спорт“ бараше и најде заедничка карика на Вардар и на Малме. Ја пронајдовме личноста што живее на релација Скопје - Малме. Горан Трпевски е поранешен фудбалер, кој долги години играше за Малме, а некое време и во екипи од Грција. Како млад, беше потенциран како голем талент. Играше за сите млади селекции на Шведска. Сепак, повредите го сменија текот на кариерата. Горан Трпевски сега е во нашиот фокус. Веднаш кога се падна Малме, ми текна на него, затоа што кога е во Скопје, често наша тема се фудбалот, националните селекции, кои тој редовно ги следи. Тоа е причината за ова интервју од прва рака.

 
Горане, Вие сте поранешен играч на Малме и живеете во овој град од Шведска, но често сте и во Македонија. Можеби, сте единствената личност која ги следи двата тима, Малме и Вардар. Има ли шанси Вардар да го мине Малме?
"Точно е, добро ги следам двете екипи. Малме ми е матична екипа, а Вардар си е Вардар. Шанси секако дека постојат. Колку се големи или мали тие, тоа е друга работа. Многу ќе зависи како ќе одат работите во Малме. На Вардар му треба гол на гости, затоа што Малме дома, секако, ќе постигне гол. На двата натпревара, Малме ќе даде гол, затоа што има одличен напад. Ако се коцкам, тогаш му давам на Вардар 25% шанси да го мине Малме.

Која е најсилната алка во Малме? Има ли тимот слаби страни и ако може, да ни ги пренесете?
"Малме има многу силни алки и ќе му биде многу тешко на Вардар. Како екипа, знае што сака на теренот, има една ароганција што само тука долу, кај нас во Малме, се има. Од соблекувалната, Малме веќе има 1:0 токму поради таа ароганција што ја споменав. Брза екипа,технички најдобра е во Шведска, никој не доминира на натпреварите како што го прави тоа Малме во Алсвенска. Да не звучи сега дека ја опишувам Барса, но Малме има добар квалитет и не случајно играше 2 години по ред во Лигата на шампионите. Розенберг, капитенот, го издвојувам од другите. Тој е дете на Малме, арогантен е, пцуе на нашински и повеќе има балкански менталитет отколку Шведски. Секоја екипа има слабост, па така и Малме. Често застанува многу високо со одбраната, доволно е еден играч да згреши пола секунда од одбраната и Вардар ако е паметен, може да го искористи тоа".


Како ја прифатија ждрепката во Малме и тоа што ќе играат со Вардар во квалификациите од Лигата на шампионите?
"Телефонот веднаш почна да титка штом падна ждрепката, на пораките од Шведска и од Македонија им нема крај. Не се задоволни со ждрепката во Малме, викаат, можеше полесни да ни се паднат. Од капитенот, тренерот, новинарите... сите, горе-долу, исто мислат, можеше и полесно. Веднаш го споменуваат времето, како на реваншот таму, во Македонија, ќе биде 35-40 степени. Исто така, се зборува дека играчите во Вардар биле презадоволни што им се паднало Малме. Мора да се во заблуда ако е вистина тоа.

Малме има лошо искуство со екипите од Балканот, особено од бившите ју-држави. Зошто е тоа така?
"Малме има лошо искуство со балканските екипи, точно е тоа. Јас две години по ред губев од Хајдук Сплит во Купот на УЕФА . Тоа беа годините 1997 и 1998 година, кога во првата, Гоце Седлоски беше во тимот на Хајдук. Пред неколку години, Малме играше со Динамо за влез во Лигата на шампионите. Таму загуби и не се пласираше. Но Малме сега и тогаш не е ист. Шведска тогаш и сега не е иста. Сега се игра потехнички фудбал во Скандинавија. Како што му реков пред некоја година на Илчо Георгиевски, ние веќе не се двоиме од Скандинавците во техниката поради некои Х- причини, за што не е сега момент да се зборува".
Кажете ни нешто повеќе за Вашата кариера и за времето кога бевте во тимот на Малме?
"Дете сум на Малме и таму поминав многу време. Немав некоја кариера за фалеwе, но, сепак, имам настапи за младата репрезентација за [ведска и имам играно за најголемиот клуб во Скандинавија, а тоа  е Малме. Но повредите, препоните, операциите..."


Иксел Османовски прв се јави
Иксел Османовски ми беше соиграч во Малме, инаку, ексрепрезентативец на Шведска и фудбалер на Бари, Торино... го гледам како брат. Тој веднаш почна со пораките. Тој е тренер во младиот тим на Малме, беше кај мене во Скопје, пред една недела. Веднаш почна со шпионски пораки. Се знае, во корист за Малме, ха, ха.

Јас сум неутрален, синовите се за Вардар
Синовите ќе навиваат за Вардар, тоа е јасно. Браќата - не знам, се сомневам во нив. Мојот татко многу го сакаше Вардар. Кај мене нема навивање, нема простор за тоа. Ја сакам да се игра фудбал и нема мрдање од тоа. Секој игра да победи не по секоја цена! Малме е мојот дом, но јас сум 100% Македонец. Во следниот круг нека оди оној тим што заслужува".


Горан му бил идол на Ибрахимовиќ
Пред многу години, големиот Златан Ибрахимовиќ, во интервју за италијански весник, истакнал дека тој во фудбалот има само еден идол, а тоа бил токму Горан Трпевски. И дека многу му е благодарен на Македонецот зaтоа што тогаш кога тој почнувал во Малме, Горан бил тој што најмногу му помогнал.



Датум: 21.06.2017, 13:27
Статијата е прочитана 5209 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense