| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

07.12.2017

Гачевски на голот на Болтон!


* Чуварот на мрежата на „црвено-црните“ зимава прави трансфер во Чемпионшип. Англичаните сериозно заинтересирани за голманот на шампионот


За Филип Гачевски, голманот на Вардар, има понуда од Англија. Тимот на Болтон е сериозно заинтересиран за услугите на чуварот на мрежата, а „Македонски спорт“ дознава дека понудата е подготвена и деновиве ќе биде испратена до фудбалскиот клуб Вардар, со што трансферот многу брзо би можел да се реализира.
Гачевски има одлична сезона зад себе, во која ја освои титулата со Вардар како стандарден голман, а потоа имаше и одлични одбрани на меѓународна сцена, каде што успеа да му донесе на тимот пласман во Лигата на Европа, особено со одбраните во Истанбул, на дуелот со Фенербахче.
Летоска за Гачевски беа заинтересирани тимови од Турција, како и од други земји. Сепак, на крајот голманот реши да остане дел од Вардар, меѓутоа зимава многу веројатно заминува од Македонија и се сели во Англија. Тој би бил вториот Македонец кој ќе биде дел од Чемпионшип, после Езџјан Алиоски, кој настапува во таборот на Лидс јунајтед.

Трансферот се реализира околу нова година

Преговорите ќе бидат во следните неколку дена, а трансферот би требало да се реализира околу Нова година, со што од следната Гачевски да биде веќе дел од Болтон и веднаш да има право да дебитира.
Сепак, пред неколку месеци, Гачевски го продолжи договорот со Вардар до 2020 година, и тоа ќе значи дека не е слободен агент, односно ќе мора да се преговара за негов ангажман во друг клуб.

Посредник - една од најголемите агенции

Во трансферот на Филип Гачевски во Болтон посредува една од најдобрите менаџерски агенции во Европа, која под своја капа има неколку звучни имиња кои играат за големи клубови. Ете, до толку е сериозна работата со овој трансфер, кој би требало да стане реалност.
Меѓутоа Вардар не треба да стравува за својата иднина затоа што го има Игор Алексовски во своите редови, а треба деновиве да пристапи и Дамјан Шишковски. Со тоа, Гачевски го остава голот во сигурни раце.

 



Датум: 07.12.2017, 11:18
Статијата е прочитана 4329 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.04.2018
22.04.2018
22.04.2018
22.04.2018
22.04.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense