| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

17.11.2017

КОМИТСКА „ФЕШТА“ НА ВЕЧНОТО ДЕРБИ

Ќе беше уште подобро Вардар и Пелистер да се бореа за врвот на табелата. Со тоа, неделното дерби што ќе се игра во вечерен термин ќе беше уште поголем спектакл

 

„Црвено-црните“ се борат за првото место на табелата, додека на Пелистер сезонава не му цветаат рози. Битолскиот тим е во стилот топло-ладно, па по победа, веднаш враќа со пораз. Тоа беше така и со Академија Пандев, кога „зелените“ загубија на домашен терен со 3:4, и покрај тоа што водеа.
Вардар, пак, се врати на победничките патеки во вистински миг. Триумфираше над Скопје со 3:0, завчера го совлада и составот на Ренова со рекордна победа извојувана во Тетово.
Меѓутоа, вардарци уште како ќе имаат посебни мотиви да дојдат до уште една победа на вечното дерби, покрај битката за титулата. Тоа е прославата на јубилејот на нивната навивачка група „комити“, која за на овој натпревар најавува „фешта“ за три децении постоење. Воедно, „комитите“ ќе го слават и јубилејниот 70-ти роденден на својот омилен тим.
Токму оттука се очекува повеќе публика од вообичаено, особено на западната трибина, каде што ќе бидат сместени навивачите на Вардар. Ќе му дадат поддршка на својот тим за да стигне до нов триумф, пред пресметката со Зенит в четврток, во Санкт Петербург.

„КОМИТИТЕ“ ГО СЛАВАТ 30. РОДЕНДЕН

„Комитите“ се најстарата навивачка група во Македонија. Тие цели 30 години го бодрат својот омилен тим. Нивниот роденден доаѓа во миговите кога тимот го доживеа најголемиот успех во историјата со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа, елиминирајќи го Фенербахче. Иако во последно време ги има во сѐ помал број, особено на натпреварите во првенството, сепак, за денеска најавуваат свое славење на западната трибина. Роденденот ќе биде прославен со песна, со навивање за Вардар, и тоа токму во дуелот со вечниот ривал Пелистер. Дерби кое и во минатото побудуваше многу внимание, но мора да се признае дека тоа многу повеќе се очекуваше со нетрпение порано отколку сега, кога на трибините имаме едвај по 1.000 гледачи.

ЗА ПОДАРОК, ПОБЕДА НАД „ВЕЧНИОТ“

Вардар, пак, ќе сака на своите навивачи за подарок да им донесе победа и три бода од овој натпревар со Пелистер за да ја продолжи серијата победи во која  влезе пред две кола. Згора на тоа, на „црвено-црните“ им е потребен триумф за да останат во трка за шампионската титула.
„Секако дека ќе дадеме сѐ од себе на овој натпревар да победиме, да им подариме на нашите навивачи „комити“ и да го заокружиме нивното славење на овој јубилеј со триумф што го посакуваат. Го посакуваме и ние, и затоа одиме на трите бода“, велат вардарци пред утрешниот меч.

 



Датум: 18.11.2017, 09:43
Статијата е прочитана 772 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
22.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense