| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

14.12.2017

Шкендија има иднина во своите редови

Младинскиот состав на Шкендија е актуелен шампион, а и есенва ја заврши како најдобар клуб во Македонија. Ниту кадетите не заостануваат и се лидери во својата конкуренција

ФК Шкендија, како македонски фудбалски бренд, секако дека има голем удел во целокупното живеење на фудбалот во нашата земја. Едноставно, без тетовскиот клуб, тешко дека ќе може да се замисли не само прволигашката конкуренција туку и сѐ останато надолу по категории. Така беше и во времето кога Шкендија и не функционираше на вака професионално ниво како денес, а што се однесува до моменталната состојба, резултатите зборуваат сами за себе. Овој пат нема да се осврнеме на успесите на првиот тим и на Ферхан Хасани, односно Бесарт Ибраими. Туку на нивните наследници, кои сѐ уште се во младинскиот погон на клубот и кои сонуваат еден ден да ја заменат младинската или кадетската десетка на грбот со онаа сениорската. Тие во изминатиот период во целост ги остварија амбициите, односно зацртнатиот план во клубот и во целост се лидери на својата конкуренција. Младинскиот и кадетскиот состав на Шкендија се есенски шампиони на Македонија, пионерскиот е на делба на првото место и сите заедно сигурно чекорат кон големиот успех сезонава.

Остварување на зацртаните цели

Со самата финансиска инјекција што годиниве ја внесе „Еколог“ во Шкендија, секако дека и младинската школа на овој клуб профункционира далеку попрофесионално и посериозно отколку претходно. Секако дека се гледа тоа по резултатите, кои се евидентни и кои покажуваат како се работи во моментов под Шара.
„Секако дека голем удел во сето ова што се случува во моментов има нашиот главен спонзор, фирмата ’Еколог’. Вложувањата што се присутни, ги чувствуваме и ние во младинскиот погон, не само во првиот тим. Мора да истакнам дека Шкендија во изминатиот период направи план по кој се движи, напорно работеше тој да биде исполнет во сите сегменти. Што значи тоа? Пред сѐ, се направи добра селекција на играчи, а, од друга страна, пак, се создаде и тим на тренери, односно стручен кадар кој многу добро знае како да работи со младински категории. Сите многу добро ја знаеме својата задача, максимално сме посветени, професионалноста е на високо ниво и кога сето тоа е така,  успехот е неминовен“, вели тренерот на младинскиот есенски шампион на Македонија, Беким Османи.
Тој со своите пулени минатата сезона стана шампион на Македонија, а потоа ја претставуваше нашата земја на европско ниво, во дуелот со тимот на Нитра.

Добро работиме за уште подобро да играме

Османи вели дека атмосферата во клубот, барем што се однесува до неговиот кадар, односно младинскиот погон, севкупно е на многу високо ниво.
„Нашето мото е: ’Добро работиме за уште подобро да играме’. Затоа што само со напорни и квалитетни тренинзи може да се постигне нивото што го сакаме и кое, всушност, во изминатиот период и го постигнавме. Секако дека може и мора подобро, амбициите никогаш не смее да се лимитирани, но мислам дека сме на добар пат од овие млади момчиња кои се дел од Шкендија, да создадеме најпрво добри и зрели личности, а потоа и одлични фудбалери, кои ќе бидат гордоста на нашиот клуб во иднина“, вели Османи.
Тој, заедно со своите колеги од кадетскиот, односно пионерскиот погон, Берат Имери и Бурхан Емрулаху, прави сѐ за да нивната успешна фудбалска кариера во Шкендија своевремено ја преточи во тренерска во денешно време.

Неопходен е тренинг центар

Сиот овој изминат период во разговорите со раководните структури на Шкендија беше потенцирана потребата за изградба на современ тренинг-центар на клубот не само за сениорскиот тим туку и за младинската школа. Тоа е нужна потреба ако сака Шкендија и натаму да го оди европскиот пат. Импровизации минуваат до еден момент, а потоа доколку се сака да се достигне ниво кое е релевантно за надвор од нашите фудбалски граници, мора да се инвестира во инфраструктурата.
Па така, кога веќе Шкендија покажа потенцијал, квалитет и капацитет на фудбалскиот терен, ќе треба да биде наградено сето тоа од клупското раководство со еден сериозен комплекс, пред сѐ на терени, природни и вештачки, кои ќе ѝ послужат на младинската школа на Шкендија да го подигне своето ниво на работа, односно на резултати на уште повисоко скалило. Зошто да знае јавноста каде во моментов младинските екипи на Шкендија тренираат, работат и освојуваат шампионски титули на терени кои, реално, се за третолигашки фудбал.


 



Датум: 14.12.2017, 10:42
Статијата е прочитана 1876 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
19.01.2018
19.01.2018
19.01.2018
19.01.2018
19.01.2018
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense