| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

26.08.2017

Кратовски бедем за „пелистерци“

Најинтересно ќе биде во Кратово каде забревтаниот Силекс го дочекува Пелистер. Во Прилеп на Могила, домашната Победа оди по првите бодови против Шкупи, а на Автокоманда „пиратите“ ќе ги одмерат силите против Ренова

Денеска и утре се играат натпреварите од 3. коло во новата сезона. Не очекуваат интересни мечеви но се чини дека дерби на колото, барем на денешните мечеви, е дуелот меѓу Силекс и Пелистер.
Силекс во изминатите две стартни кола во новата сезона, успеа двапати да победи и да ги освои сите шест бодови. Покажа одлична форма, одигра навистина квалитетно и секако дека посакува и денеска во рамките на 3. коло да покажат дека можат и со Пелистер да ги освојат трите бода.
За тоа што може да се очекува од аспект на кратовци, свој коментар има Столе Стојчевски, дефанзивецот на кратовци:
„Полека и мирно се подготвуваме за дуелот со Пелистер. Тоа ќе ни биде најголем предизвик во досегашниот тек од сезоната. Тоа е екипа што летово играше во Европа и сигурно и оваа година имаат исти амбиции. Такво нешто кажуваат и имињата во нивниот тим, каде што има многу искусни фудбалери, но тука се и новите засилувања. Сепак, и ние имаме свои амбиции и зацртани цели за првенството. Сезоната ни почна добро и се надевам на добар резултат за продолжување на добрите резултати“ – Столе Стојчевски, стопер на Силекс.
Пелистер пак по триумфот во Прилеп и ремито со Работнички на свој терен, посакува да дојде до нови бодови. Тренерот Захариевски освен на Миленковски, Бојовиќ и Љамчевски, ќе може да смета на сите свои играчи.

РЕНОВА БАРА ПРВА ПОБЕДА

„Гипсарите“ предводени од Влатко Костов пред стартот на сезоната очекуваа далеку подобар старт. Вака на првите два меча освоија само еден бод, и тоа оној во Ѓорче каде на гости кај Работнички одиграа без голови против „романтичарите“. Па затоа овие бодови на Ренова и се повеќе од потребни, особено ако се знае дека на дуелот со „пиратите“ влегуваат како фаворити.
„Како и на секој натпревар, така и на дуелот против Скопје очекувам максимална концентрација од целиот тим и атак на првата победа. Поразот од Силекс воопшто не го очекувавме и не верувавме дека може да ни се случи во ниту еден момент, но за жал се случи. Тоа што треба да го осигураме е таа лоша партија да не се повтори. Треба да извадиме поука од таа средба и одиме на победа во Скопје на жешкиот терен во Автокоманда“ истакна напаѓачот на “гипсарите“  Филип Петковски.

ШКУПИ Е ШАНСАТА ЗА ПРИЛЕПЧАНИТЕ


Попладнево е важен меч за екипата на Победа против Шкупи. Важен е иако е само трето коло од овогодишново првенство, затоа што прилепчаните не смеат да дозволат уште во првата фаза од сезоната да го загубат чекорот со конкурентите. Минатите две кола доживеаја порази (дома со 1-2 од Пелистер, на гости со 4-0 од Вардар), така што третиот обид претстои за освојување на првите бодови. Во таборот на Победа се подигна атмосферата и расположението, сосема разбирливо, затоа што ништо не е загубено. Треба да се покаже дека претходните мечеви не биле вистинското лице на екипата. Постои оптимизам дека може да се постигне триумф, а ова има основа. Пред се ако се знае дека Шкупи е ривал кој им ,,лежи’’ на прилепчаните. Претходната сезона беа постигнати две победи и одиграни две нерешени против тимот од Чаир. Екипата на Победа ги сака бодовите и затоа се најавува офанзива од самиот почеток на натпреварот. Најавена е борбена игра, она што недостасуваше претходните натпревари. Само со пожртвувана игра може да се искористи домашниот терен. Повикана е публиката да даде придонес и нема сомнение дека домашните навивачи се свесни дека поразите и победите се составни делови на спортот. Пораката е дека поразите се случија, сега на ред се победите. Императивот не се сфаќа како притисок, туку како мотивација да се тргне по вистинскиот колосек.
Во екипата на Победа сигурно ќе има промени. Полушпицот Јасир Асани веќе го напуштил тимот (се зборува дека прифатил понуда од Турција), а од друга страна првпат на располагање се двајцата нови странци - десниот бек Ервин Качар од Србија и стоперот Турал Хумбатов од Азербејџан.

ШКЕНДИЈА СО СИТЕ СИЛИ НА „АКАДЕМЦИТЕ“

Шкендија завчера заврши со европската одисеја, и во вториот меч загуби од Милан па така со вкупни 0:7 е елиминирана од Лигата на Европа. Па така сега е време за враќање со мислите кон домашната сцена, а таму во првите две кола момците на стратегот Ќатип Османи успеа двапати да победи и да ги освои сите шест бодови па така со гол разлика од 5:0 се наоѓа на челното место на прволигашката табела. Утре во Тетово на „Еколог Арената“ доаѓа дебитантот Академија Пандев. Тим кој во првите две кола успеа да освои четири бода, но на овој неделен меч се знае кој е огромен фаворит. Тоа е Шкендија и се освен победа ќе биде големо изненадување. Тетовци знаат дека врвот на табелата се чува само со победи, и тоа убедливи победи. Секако дека се респектира новиот член на елитната лига, секако дека Академија Пандев е тим кој може да изненади, но сега Шкендија треба и дефинитивно да се сврти кон настапите на домашната сцена и тука да го искаже сиот свој квалитет.



Датум: 26.08.2017, 15:30
Статијата е прочитана 284 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
18.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense