| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

19.10.2017

ИГРААТ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА, ПА НА ПАУЗА ВО КЛУБОВИТЕ


Интересено - откако ги одработија репрезентативните обврски, голем број наши интернационалци не беа во составот или, пак, беа на клупата за резервни играчи за своите клубови

Илија Несторовски бил фудбалер со две лица, бил како Доктор Џекил и Мистер Хајд. Кога ќе се врател од репрезентацијата, на првиот меч за својот Палермо не бил на своето ниво, но потоа блескал во неговиот дрес. Тоа завчера го пренесуваа медиумите во Италија откако направија детална анализа за капитенот на клубот од Палермо. Тој податок нѐ наведе да направиме анализа за сите наши репрезентативци кои беа повикани од селекторот Игор Ангеловски за дуелите со Италија и со Лихтенштајн, и да видиме кој од нив играл за своите клубови, а кој, пак, седел на клупата или воопшто не бил на списокот.
И дојдовме до заклучокот дека голем дел од нашите репрезентативци минатиот викенд беа на пауза што се однесува до играњето во своите екипи. Тука ги сметаме не само нашите интернационалци туку и оние што играат за нашите домашни клубови во елитната лига.

ПАНДЕВ, АЛИОСКИ, ТРАЈКОВСКИ...

Ќе почнеме од најдобриот, од Горан Пандев. По одличните настапи за Македонија против Италија и против Лихтенштајн, нашиот најдобар фудбалер не беше во составот на Каљари на првиот меч по репрезентативната пауза. Истото тоа се случи и со Езџијан Алиоски во Лидс, потоа со Александар Трајковски во Палермо, со Стефан Ристовски во Спортинг Лисабон, барем не во првенството на Португалија. Не играше ниту Елиф Елмас за Фенербахче, и тоа од познати причини, исто така и Никола Ѓорѓев, уште еден наш млад фудбалски бисер, не беше во составот на Твенте. 

БАРДИ ВЛЕЗЕ ОД КЛУПАТА ВО 80. МИНУТА

Енис Барди со своите настапи, одлични игри и, пред сѐ, голови за својот Леванте, стана хит во Шпанија, во тамошната Ла Лига или Примера. Едноставно, составот на овој тим не може да се замисли без нашиот млад играч за врска. Е сега дали поради заморот или, пак, поради нешто друго, тренерот на Леванте реши на гостувањето кај  Еспањол да му даде шанса само во последните десетина минути. Од друга страна, пак, играа Столе Димитриевски за Гимнастик, Давид Митов  Нилсон за Норчепинг, Кире Ристевски за Вашаш, кој потоа се повреди.

ВАРДАР БЕЗ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИТЕ НА ДЕРБИТО

Вардар, се чини, беше најоштетен кога станува збор за репрезентативната пауза и на дербито со Шкендија, стратегот Чеде Јаневски не можеше да смета или, пак, не сметаше на двајца свои клучни играчи, кои, пак, играа во репрезентацијата или со Италија или со Лихтенштајн. Тие двајца се Висар Муслиу и Дарко Велковски, младите стопери кои, пак, не беа во составот на шампионот на мегадербито, и тоа пред сѐ поради повреди. Кога сме кај ексвардарецот Стефан Спировски, тој играше за Македонија во Торино, потоа не играше за Лихтенштајн поради жолти картони, но затоа беше стартер за Вашаш во првенството на Унгарија. 

ХАСАНИ И РАДЕСКИ ИГРАА ЗА ШКЕНДИЈА

Ако Вардар, односно тренерот Чеде Јаневски не можеше да смета на Велковски и на Муслиу, тогаш тренерот на Шкендија, Ќатип Османи, за дуелот со шампионот можеше да смета на Ферхан Хасани и на Марјан Радески. И тие му играа, првиот беше стартер, а вториот, пак, влезе во второто полувреме. Кога сме кај останатите наши домашни играчи кои играат за репрезентацијата, како Дамјан Шишковски (Работнички), Љупчо Дориев (А. Пандев) и Кристијан Тошевски (Пелистер), тие без никаков проблем си играа за своите клубови во саботното коло во елитната лига на Македонија.



Датум: 19.10.2017, 13:37
Статијата е прочитана 1594 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense