| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

29.10.2017

Јаневски: Ни се случува физичко празнење

Интервју со тренерот на Вардар по повод кризата што го зафати првакот во последно време: „Некои играчи немаа ниту еден ден одмор од јануари. Играа во првенството, па потоа на Европското првенство, квалификациите за Европа и сега првенството и Лигата на Европа. Сето тоа придонесува да ни се случува едно празнење, кое се одразува сега, еве, на резултатите“ истакнува Чеде Јаневски

Сериозна криза го тресе првакот. За прв пат откако има европска есен, Вардар во првенството реди лоши резултати. Двата пораза по ред беа доволна причина да биде вклучен алармот. Некои засилувања не ги оправдаа очекувањата, некои од нив се веќе истрошени. Доволен доказ за нас да имаме разговор со Чедомир Јаневски, да ја слушнеме главната причина зошто му се случува ова на првакот. Зошто овие засилувања, што е точно од она што се пишуваше за Могила и што ќе биде во јануарскиот преоден рок? Јаневски ја знае причината за оваа криза, но и дека самиот е свесен дека ќе мора брзо да се излезе од неа. Се соочувал со вакви работи во минатото, сега треба да се најде вистинското решение и да се врати тимот на победничките патеки.

Некои играчи долго без одмор

И навистина, кога ќе се вратиме наназад, некои играчи како Бобан Николов, Висар Муслиу, Дарко Велковски... немаа одмор од јануари. Почнаа со зимските подготовки, потоа првенството, па Европското првенство, летните подготовки, во меѓувреме повиците кај сениорите, европските натпревари во ЛШ и во ЛЕ и сега првенството и групната фаза од ЛЕ.
„Верувам дека ќе помине и оваа криза, која е очекувана. Некои од играчите долго време немаа одмор. Подготвките се почнати од 10-15 јуни. Целата енергија е веќе потрошена, истите играчи играа и во првенството лани, и на Европското првенство, и во квалификациите за Европа и сега во првенството. Да не заборавиме дека секогаш имаме 8-10 играчи во репрезентациите. Има и играчи кои од јануари практично немале ниту еден ден одмор. Оние што играат во другите репрезентации, имаат чести патувања, што, исто така, може да биде проблем. Вакво нешто се случува и во големи клубови, само што разликата е тоа што тие немаа квалификации за пласман во Европа, туку автоматски се пласираа. Па и еден Реал Мадрид имаше одреден пат во формата, замор...“, изјави Јаневски.

Принудени сме често да менуваме

Не само физички туку кај одредени играчи, можеби, има и еден вид психолошко празнење по влезот на Вардар во групната фаза од Лигата на Европа.
„Не можеш да влезеш во главата на некој играч. Не само во Македонија, тоа е така секаде, ете, на пример, во Белгија. Имаат, исто така, одлични играчи, и тие имаат проблеми, и тоа професионалци, а кои не се толку емотивни како Македонците. Секогаш доаѓа до празнење, само се надеваш да не дојде кај сите играчи во исто време. Кај секој играч е различно. Со тоа, треба почесто да се менува екипата и тука се појавува друг проблем, а тоа е уиграноста. Тимот има некаков костур, потоа кога ќе се смени, се губи од уиграноста и од некои други детали, што, исто така, на некој начин претставува хендикеп. А, нема многу време за менување со оглед дека е краток период. Сега имавме меч во средата, имаме в недела и веднаш потоа се подговуваме за Европа“.

Оваа есен - лекција за Вардар и другите

„Оваа полусезона е добра лекција за Вардар и за сите да сфатат дека тоа темпо да се игра во Европа е различно. Тоа е факт, без разлика дали на клупата е Јаневски, Седлоски или Хаџиевски. Фактот е што за да се остане на такво ниво, треба да се има подобра инфраструктура. Бараме брза игра на тренинг, а играме на лоши терени и против екипи што се затворени. И оправдано, затоа што тоа е неговиот стил. Со тоа се губи во темпото, а за разлика од нас, нашите противници играат против противници што веќе имаат искуство во Европа. Навиките се веќе создадени кај нив, а ние дури сега почнуваме да се навикнуваме на вакво нешто. И да земевме уште подобри играчи, ќе дојдеше ваков период“.

Се боревме до крај за Спировски

Факт е дека Вардар загуби многу со заминувањето на Спировски. И кога веќе во јавноста се крена таква прашина дека тимот сакал да заработи од него и затоа го пуштил, Јаневски демантира, сметајќи дека и тој и Вардар се бореле до последен миг да остане.
„Кога слушнав дека Спировски заминува, јас го тргнав настрана и му кажав дека сакам да остане. Го знам и од претходно, го земав во сениори, имав одлична соработка и знам дека станува збор за одличен фудбалер. Клубот разговараше со него и сакавме да му го продолжиме договорот со подобри услови. Но тој веќе одлучил да замине. Тоа се случи пред натпреварот со Фенербахче, пред да одиме, тука беа направени сите напори. Од друга страна, ако сакавме, можевме да го задржиме затоа што тој веќе имаше договор, но тука можеше да се јави незадоволство, а јас не сакам такво нешто. Сум бил играч и знам како е. Пред дуелот со Фенербахче во Истанбул, ми соопшти дека дефинитивно одлучил да замине. Ми истакна дека е подготвен да игра на овој натпревар, а на мене беше да одлучам дали ќе го ставам. Знаев дека ќе даде сѐ од себе, и така и беше. Многу загубивме, но тоа беше одлука на самиот играч“, вели Јаневски.

Се ракував со Бубања, а навреди не заслужив

Од одредени медиуми, Јаневски беше нападнат дека не се ракувал со Бубања, тренерот на Победа.
„Не се поздравив затоа што по мечот јас поминав од клупата на Победа, а таму немаше никого. Потоа противничкиот тренер дојде во соблекувалната и се ракувавме. Она што го доживеав таму за време на натпреварот, не заслужува коментар. Од првиот момент пцуење, омаловажување на мене и на моите најблиски. Не сум против навивање, но не на ваков начин. Полицијата стои и молчи. Згора на тоа, тука имаше деца. Што ќе научат тие од тоа пцуење кон мојата фамилија? Можеби, тие деца беа и негови, но тој непрекинато викаше и пцуеше, не знам...“, се прашува Јаневски.



Датум: 29.10.2017, 11:21
Статијата е прочитана 1289 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
22.11.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense