| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

04.03.2017

Старите ривали одново на мегдан

Не можеш да не ја почитуваш Ренова, играчки многу јака, знае што сака. Ние ако сакаме да победиме мора да ја освоиме средината на теренот“ вели Елиф Елмас


Работнички и Ренова денеска на Арената во Скопје ќе го отворат третото пролетно или севкупно 21. коло во нашата елитна лига. Овој натпревар на аспирантите за излез во Европа секако дека е еден од најинтересните викендов. Станува збор за две исклучително квалитетни екипи, можеби во мала предност се „романтичарите“ зошто играат на свој терен, но дали тоа е предност ако се знае тие веќе четири месеци не стапнале на теренот на Арената.

ЕЛМАС: ЕКСТРА ВАЖЕН МЕЧ
Од Елиф Елмас, големиот талент на Работнички и мак - фудбалот, стручниот штаб на „романтичарите“ на чело со Виктор Треневски и на овој натпревар очекува многу. Со својата младост и екстра квалитет тој треба да биде еден од носителите на играта на Работнички на овој денешен меч.
„Секогаш кога играме со Ренова сме максимално внимателни. Не можеш да не ја почитуваш Ренова, играчки многу јака, знае што сака во секој момент. Според мене ако сакаме да победиме тогаш ќе мора прво да завладееме со средината од теренот. Да не му дозволиме на гостинот да ни се заканува. Секако дека тие шанси што ќе ги створиме да ги искористиме. Тоа е рецептот за победа и три бода. Знаеме доста добро дека овој натпревар е многу важен за нас, Ренова е наш голем ривал за излез во Европа и ако победиме тоа ќе бидат за нас големи три бода“ ни изјави Елмас.

НЕ СМЕЕ ПОРАЗ СО ДИРЕКТНИОТ РИВАЛ
Ремито со македонија Ѓорче Петров на домашен терен во минатото коло беше сериозен удар за напорите на екипата на Ренова да се пробие на местата кои водат во Европа. Не само што загубија два бода во дуел со екипа пласирана во долниот дел на табелата, туку тетовци не го искористија ремито на „романтичарите“ со Шкупи за да ја намалат предноста од пет бода што ја има Работнички. Затоа, таквиот исход од претходното коло, само ја зголемуваат важноста на директниот дуел. Доколку Работнички победи, предноста што ја имаат „романтичарите“ од пет бодови ќе рипне на осум, што, иако нема да биде недостижна, е веќе предност тетовци тешко ќе може да ја стигнат.
„Реално, сите во клубот очекувавме дека ќе ја победиме македонија Ѓорче Петров и дека тоа ни се сигурни три бодови, но на крајот освоивме само бод. Тоа беше голем удар за нас, но тоа е веќе минато и треба да се свртиме кон дуелот со Работнички. Потребна е максимална концентрација затоа што јасно е дека Работнички ни е директен конкурент за излез во Европа. Ќе биде тешко, но веруваме дека имаме сили да се извадиме за негативниот резултат од средбата со Македонија и да надоместиме со добар резултат на дербито што ни претстои“ - вели напаѓачот на Ренова, Ремзифаик Селмани.

РАБОТНИЧКИ - РЕНОВА
Стадион „Телеком Арена“ во Скопје. Капацитет: 35.000 гледачи. Почеток: денеска, 14 часот.



Датум: 04.03.2017, 11:36
Статијата е прочитана 734 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
23.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense