| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

04.04.2017

ПОД ЛУПАТА: Навива или на-нива!? Каде е публиката!?

Зад себе имавме викенд со многу дерби пресметки. Секаде полни трибини, добра атмосфера, но само кај нас, на нашето градско дерби, едвај 500 навивачи. А жените „местеле“, но ЖФК „Истатов“ со Драгон имаше повеќе метеж од оваа нашава елита...

Пишува: Игор Д. Ивановски

Немаат интерес и затоа ги нема на трибините, а не дека фудбалот бил тапа, квалитетот слаб или приказните од типот сè се знае однапред. Празните трибини во мак-фудбалот, во елитата, а посебно на дуелите во Скопје се проблем што го имаме со децении. Кога нешто се сака тоа се сака со срце, но тоа правило кај нас е променливи како и временската прогноза. Кај нас треба да им платиш за да ти дојдат. Ептен некои исклучоци од 200-300 лица кои можат да се наречат вистински навивачи и фанатици за клубот. Таа бројка ја има Вардар на фудбалските натпревари. Ракометот е нешто друго и поинаква димензија каде исто така 200-300 лица прават галама во сала, а останатите се потреба или шанса некои да бидат дел од голем настан и видени на истиот.
Жално е да се игра дерби пред празни трибини. „Комитите“ повторно не се на иста бранова должина со управата на клубот. Соопштенија, скандирања и санкции. Едни без други не можат, едните треба да ги вреднуваат вложувањата и инвестициите, оние кои прават нивниот клуб да биде најдобар, шампион!
Големи клубови и голема армија навивачи. Армија!? Е тоа кај нас го нема. Кај нас навивачите сакаат да бидат управа, тренери, фактор! Сè сакаат да бидат, но некој друг пари да дава. Тоа можеби беше некаде и во некои дамнешни времиња. Кога одењето на трибина и навивањето за саканиот клуб беше гаранција за некое работно место во државните институции. Домашната армија е сè помалубројна и во просек ептен за никаде. А клубот треба да се сака, да се навива и најважното, да се плати билет! Е кај нас сè се сака за „гага“, за „џабе“ и плус згора на сето тоа да се направи некој проблем, да се крши, да се скандира... а потоа клубот да си плати за испадот на нивните најверни навивачи.
Многу одамна требаше да се напишат и спроведат правилата на игра. Сега веќе е доцна, сега веќе нема назад. Трибините, овие скопските, се празни, празни и празни.
А само за пример, навивачите на Железничар од Сараево се најновиот пример како се сака клубот. Тие, знаејќи дека клубот е во криза, се одлучија на потег за кој сите зборуваат. Жељо нема пари, стадионот „Грбавица“ нема услови... Познатата група „Манијаци“ почна акција. Продадоа 500 билети за 10 години за по 500 евра и собраа цифра од 250.000 евра со која се реновираа трибините на стадионот. Спроведоа акција и собраа 250.000 евра! А знаете ли зошто? Затоа што го сакаат клубот! И во БиХ има криза, слаб фудбал, резултати слични на нашиве. Но, ете таму кога играат Жељо и Сараево има по 15.000 гледачи. Кај нас таа бројка на Вардар - Работнички е само пуста бројка и желба која никогаш нема да се исполни.
На нашето градско дерби дојдоа едвај 500 навивачи. Не е за верување дека Вардар продал повеќе од 100 билети. Па нели е ова мизерија!? Па повеќе гледачи имаше во Стар Дојран на дербито во женски фудбал помеѓу ЖФК „Истатов“ и Драгон. А жениве „местеле“, кај нив сè се знаело, но ете повеќе публика од скопјаниве. За клуб се навива иако некои имаат обврски на-нива. Се знае!? Кога игра клубот сè се програмира во тие два часа да се биде слободен и да се даде поддршка на својот миленик.
А што има врска навива и нива!? Навиваат онаму каде има стадиони, а онаму каде се игралишта од нива веднаш на терен и бокс за противникот. Новаци е местото каде се случи новиот срам во мак фудбалот. Патосиран претставникот на Вардар Неготино од „претседателот“ на Новаци. Извесниот Пида бил внук на градоначалникот и лице вработено во МВР. Па со боксови ли бе ќе одите во Прва лига!? Она што се виде од Новаци е срам за комплетниот фудбал во земјава. СРАМ кој не се пере со ништо и сигнал до ФФМ, која мора да реагира. Така е кога нашиве теренчиња сè повеќе наликуваат на ниви отколку на фудбалски игралишта. За жал, такви имаме и во елитата, а не само во понискиот ранг. Оние постарите знаеја да кажат: „Па да посадевме компири повеќе ќар ќе имавме отколку фудбалот“. И до некаде во право се. Кај нас со години гледаме вакви слики како овие од Новаци. Само кај нас има ваков резил и тепачки. Погледнете околу нас. Таквите „селски“ сценарија одамна ги нема. Разберете, фудбалот е спорт во кој треба да се инвестира и да се биде некој и нешто. Не може преку ноќ од нива во елита. Сме виделе такви приказни кои трагично завршуваа. Завршуваа со „1Х2“ комбинации и сега никаде ги нема... Да се преиспитаат сите како и какви клубови влегуваат во елитата.

П.С: Го личи Дарко Панчев во Вардар и Вардар со Дарко Панчев. Проблемот е во тоа што кај нас се потребни 10 или 20 години за да се склопат коцките. „Кобрата“ со Самсоненко беше во ложата на дербито. Е тоа е веќе нешто! Самсоненко сега има „златна копачка“ на Европа за „десна рака“. Се надеваме дека новата врска на Панчев и Вардар ќе биде поуспешна од претходните две. Трета среќа и за легендата и за клубот!



Датум: 04.04.2017, 15:04
Статијата е прочитана 7555 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
17.12.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense