| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

17.06.2017

Вардар се „сели“ во Австрија

Вардарци остануваат во новата база до 2 јули. Ќе го уигруваат тимот за Лигата на шампионите, против тим што ќе го дознаат в понеделник

Викендов, вардаровата експедиција ќе се пресели во Австрија, во местото Бад Татцмансдорф. Хотелот „Авита“ ќе биде следната база на вардарци, кои остануваат до 2 јули, за кога е предвидено враќање во Скопје. Таму, „црвено-црните“ ќе се „билдаат“ за настапите во Лигата на шампионите, против тим што ќе го дознаат в понеделник.
Трета година по ред вардарци одат на истото проверено место, со таа разлика што лани минаа дел од подготовките и во Хрватска. Овој пат нема да биде така, односно до крај остануваат во Австрија. Ќе бидат одиграни четири контролни средби, евентуално може да се организираат и пет, за да им се даде шанса на оние помладите.

СЛЕДУВА НАЈВАЖНАТА ФАЗА
За Вардар, подготовките во Бад Татцмансдорф ќе бидат најважната фаза. Тимот ќе се подготвува за настапите во Лигата на шампионите, како и за следната сезона во која ќе се оди на одбрана на шампионскиот трофеј.
Покрај тренинзите, кои се очекува да бидат два пати на ден, вардарци во Австрија ќе играат и пријателски натпревари, кои се најважни за добра подготовка на екипата пред настапите на меѓународната и на домашната сцена. Исто така, низ тренинзите во Австрија, стручниот штаб на чело со шефот Гоце Седлоски, ќе го избере најдобриот тим, кој ќе му се спротивстави на противникот во ЛШ.

ЕКИПАТА РЕЧИСИ СЕ КОМПЛЕТИРА
Она што, исто така, е добро за Вардар е тоа што екипата ќе се комплетира во Австрија. Црногорецот Дамир Којашевиќ веќе се приклучи, а в недела изутрина, на летот ќе се најдат и двајцата репрезентативци на Македонија, Стефан Спировски и Филип Гачевски. Тигран Барсегјан, Џамбул Џигаури и двајцата Бразилци доаѓаат директно во Виена и ќе се приклучат во Бад Татцмансдорф. Со тоа, Седлоски ќе ги има на располагање сите, освен, се разбира, младинските репрезентативци, кои од денеска почнуваат со настапите на Европското првенство во Полска. По тоа, веднаш ќе дојдат во Австрија и ќе се приклучат. Станува збор за дури шестмина фудбалери, односно за Игор Алексовски, Дарко Велковски, Бесир Демири, Висар Муслиу, Бобан Николов и Петар Петковски, кои ќе дојдат кога ќе им завршат обврските кон младата селекција.

 



Датум: 17.06.2017, 14:39
Статијата е прочитана 1719 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
19.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense