| контакт | маркетинг
ФУДБАЛ

22.04.2017

Повредите ги „забавија“ кариерите на Давид и Дејан

Митов-Нилсон и Илиев беа пред големата фудбалска „сцена“, меѓутоа повредите за момент ги кочат нивните амбиции и сега треба да им се даде поддршка да издржат во нивните рехабилитации


Кога голманот Давид Митов - Нилсон ја прифати понудата да игра за Македонија, се чинеше дека тој, конечно, го реши својот репрезентативен статус, со оглед дека тешко ќе можеше да се носи за место во шведската репрезентација. Митов - Нилсон беше нашето решение за голманската позиција после оставањето ракавиците на клин од страна на Томе Пачовски. Чуварот на мрежата на шведски Норчепинг тогаш одеше по шампионскиот пат, а токму тој беше најзаслужен за титулата на екипата. Требаше да игра во квалификации за Лига на шампиони, требаше да се обидува да влегува во групите и да продолжи да го чува голот на Македонија, стигаа и понудите од сите страни, и тогаш во најлош момент дојдоа повредите. Долго време, веќе година и пол Митов-Нилсон се „мачи“ да се справи со повредите и со малерите кои го снајдоа. Прво скрши ребра, потоа нога, па на крај и рака. Тоа ја забави нивната кариера.
Од другата страна, пак, на Островот пред пет години еден трансфер се чини дека се очекуваше да го реши прашањето околу иднината на голманската позиција на Македонија. Дејан Илиев од Беласица премина во таборот на гигантот Арсенал Лондон. Тоа беше трансфер за кој секој млад играч (голман) сонува. Да се биде дел од еден таков тим од каде што произлегле многу фудбалски величини.

СКРШЕНИЦИ И САМО СКРШЕНИЦИ
Норчепинг веќе една година е без услугите на македонскиот голман. Тој во ланскиот зимски подготвителен период се подготвуваше за настап во Лигата на шампионите на својот тим. Меѓутоа потоа дојде скршеница на ребрата на пријателски натпревар со Локомотив Москва. Штотуку се врати на терените, застана на голот, се чинеше дека ќе има успешно лето, дојде тој малерозен натпревар против Фалкенберг во април 2016 година. Во 19. минута по еден дуел со противнички играч доби скршеница на ногата. Јасно беше дека сонот за Лига на шампиони е завршен за голманот на Норчепинг. Следува голема пауза која што трае до јануари. А таму на неговото враќање по еден тренинг доби повреда на тетивата, па повторно паузираше. Само што се врати на теренот, доби скршеница на раката и пропадна уште една можност за „кам-бек“.

„МИСТЕРИОЗНОСТА“ НА ИЛИЕВ
Да не беа повредите, можеби сега Дејан Илиев ќе беше прв голман во младинската фудбалска репрезентација на Македонија. Илиев можеби и ќе беше рехабилитиран доколку некој од докторите открија за што вистински станува збор. Илиев има проблеми со коленото, повреда поради која паузира веќе две години. Штотуку застана меѓу диреците на младинската екипа на Арсенал, беше во конкуренција да биде дел и од сениорите, беше пријавен дури и за ЛШ, се случија тие повреди на истото колено.
И од една кариера која што требаше да оди во нагорна линија, да биде иднината на Арсенал, се претвори во битка за спас на кариерата. Секој пат кога ќе се врати на теренот, повторно има болки во коленото, и од тука мистериозноста за повредата на Илиев, што не може никако да се опорави.

ЧЕТИРИ ОПЕРАЦИИ ЗА ДВЕ ГОДИНИ
Илиев претрпе четири операции на истото колено на ногата за нешто помалку од две години. Тоа е многу, но повредата никако да биде санирана. Само што ќе се врати, тој чувствува болка не може да биде во целосен тренажен процес, и се почнува од ново. Последната операција ја направи пред еден месец и сега повторно е на рехабилитација.
Поддршката ја има Илиев и од докторите, и лично од тренерот на Арсенал Арсен Венгер. Тој се обидува сега да се врати на терените. Ги има сите предиспозиции да биде врвен голман, меѓутоа повредите целосно му ја забавија кариерата која што до сега требаше да го однесе во борба за место во екипата на „Топчиите“. Вака останува само да се избори со мистериозноста на повредата и да се обиде да се врати на голот, и да се бори за место во тимот.



Датум: 22.04.2017, 10:26
Статијата е прочитана 2618 пати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
22.10.2017
МИКС
повеќе >
SPORT.COM.MK 2014. сите права задржани
DEVELOPED BY Nextsense